Говор
на Сатја Саи Баба на Меѓународната конференција на познати предавачи |
17
Август 20045 Единство, Чистота, Божестеност За време на детството човекот развива интерес за игра во друштвото
со другите деца. Во младоста и средната доба тој е вклучен во световни
работи и е длабоко завлезен во процесот на правење пари. На крајот
во староста тој се бори за ова или она без да контемплира на Бог, дури
и во оваа доба на изнемоштеност. Тој залудно го потрошил неговото скапоцено
раѓање. Во овој свет има милиони образовани лица. Од дете па се’ до учен стар човек, секој чита книги и се стекнува со знаење. Но, која е користа што ја добиваат луѓето од добивањето на книшко знаење? Таквото образование ви помага само да го дополните животот. Сите родители, од најсиромашните до најбогатите сакаат нивните деца да се образуваат. Родителите се подготвени да потрошат многу пари – па дури и позајмуваат над нивните можности – само за нивните деца да добијат квалитетно образование. Покрај тоа што родителите се соочуваат со многу тешкотии додека нивните деца се образуваат, децата воопшто не чувствуваат благодарност спрема нивните помагачи. Не се прашуваат, кој е одговорен за нивниот развој, кој ги направил тоа што се денес. Под ваквите околности треба да ја сфатиме вистинската смисла на образованието. Некој би можел да има прочитано многубројни книги и да добие титули за многу научни области, но дали истиот тој ужива во мир и рамнотежа? Сето книшко знаење може да се грижи само за нашите физички потреби. Факт е дека вистинското знаење се наоѓа во секого. Жените не заостануваат зад мажите во нивната академска стручност. Се смета дека образованието носи почит и општествен углед. Но, на луѓето им недостига мудрост - паралелна на нивните академски достигнувања. Денес родителите сакаат децата да го учат она, што подоцна би им донело добро платена работа. Но, какво е тоа образование коешто не нуди трансформација кај децата? Од него немаат корист ниту децата, ниту пак им нуди некаква помош на родителите. Модерниот човек го развива егото врз основа на неговите академски достигнувања. Понизноста е ознаката на образованието. Ако човек не поседува вивека (увид) и винаја (понизност), тогаш неговото образование не ќе има никаква вредност. Треба да разберете дека вашето образование е за добробит и напредок на општеството. Меѓутоа, како општеството го ползува знаењето на образованите граѓани? Всушност, од општеството учите многу корисни работи. Но, моќта на размислувањето со увид (вивека) којашто ја имаат дури и необразованите, тешко се наоѓа кај учените. Учениците немаат речиси ниту трошка понизност; не ги почитуваат постарите, не ги исполнуваат должностите кон општетсвото. Која е користа од книшкото знаење, доколку индивидуата не ги почитува постарите и не му служи на општеството? Оној кој води ваков живот не и’ е близок на сопствената вистинска природа. Неговото одење, зборување, читање, пишување, се’ она што прави станува само појавност. Доколку ова е резултатот од академското образование, тогаш зошто треба воопшто да се оди на факултет? Секој студент мора да се запраша: „Што добивам од овој факултет? Што треба да правам?“ Само кога ќе се сврти длабоко кон себе студентот ќе може да ја сфати вистинската смила на образованието. Голото книшко знаење не е вистинското образование. Тоа е само пренос на она што е содржано во книгата (пустака) во главата (мастака) и обратно. На овој начин човекот се наоѓа заглавен меѓу пустака и мастака без навистина да го сфати вистинското значење на образованието. Луѓето го губат времето во стекнување на книшко, а не на практично знаење. Несомнено е дека во пустака има многу информации, но која е целта од тоа кога мастака е полна со нечистотија? Од такво образование никогаш не ќе има корист. Истото го објасни и главниот гостин во неговото обраќање: „Иако сите учат, кој е резултатот на крај?“ Луѓето трошат многу пари за сопствено образование. Која е улогата што ја играат образованите луѓе во денешнево општество? Дали придонесуваат за зачувување на мирот во општетсвото? Дали и’ помагаат на индивидуата да се трансформира? Не. Всушност, тие не се способни ниту да си ги дисциплинираат сопствените деца. Повеќето деца се преправаат дека се добро воспитани и скромни во присуство на родителите, но штом ќе излезат од дома се однесуваат како силеџии. Студентите треба да се стремат кон стекнување на добро име во општетсвото. Денешното образование од студентите и учениците прави материјалисти. Тоа не ги инспирира да се свртат навнатре и да го чујат внатрешниот глас. Треба да се освои Атма Прабода (Атмичко знаење). Тоа е вистинското образование. Без свесноста за Себството сето останато знаење е бескорисно. Зошто е потребно таквото образование? Луѓето повеќе сакаат да го наметнуваат своето влијание и моќ; воопшто не се трудат да ги прочистат умот и срцето. Ова е резултатот од модерното образование. Луѓето научија да говорат благо, но не ги преведоа нивните зборови во дела. Отелотворенија на Љубовта! Голото книшко учење не е важно. Треба да ја впиете ганда (суштината) на сите Грантхас (текстови). Тоа е вистинското образование. Луѓето читаат многубројни книги, но која е користа од тоа? За само да цитираат што други кажале. Дали вака треба да учат? Треба да го слушате внатрешниот глас и да го споделите со другите. Но, денес речиси никој не мисли на ова. Отелотворенија на Љубовта! Морате да применувате најмалку еден принцип што сте го научиле и да бидете пример за другите. Има мнгогу учени, но дали го применуваат наученото? Наизглед се важни луѓе (chief), а всушност имаат евтино (cheap) однесување. Целта на образованието е карактерот. Карактерот треба да го сметаме за животен здив. Образованието без карактер е бескорисно исто како и полусварен ориз. Најпрво треба да применуваме најмалку еден или два принципи, а потоа да се обидеме да ги поучуваме и другите. Кај секого постојат три важни принципи – манас (ум), буддхи (интелект) и Атма (Себство). Која е основната природа на Себството? Тоа е сепроникнувачко. Вистинското образование е она што излегува од срцето. Овде се мисли на духовното, а не на физичкото срце. Постојат повеќе доблесни души коишто се идеали на општеството при што нивното знаење го преобразуваат во дела. Доколку не се однесувате доблесно, тогаш целото ваше образование ќе ја изгуби смислата. Важно е она што го правите, а не она што го говорите. Каде и да одите треба да бидете пример. Тоа е она што Мене ме прави среќен. Среќата е единството со Бог. Вие не сте обични смртници. Сите во суштината се божествени. За да ја спознатете вашата вистинска природа, применувајте го она што го говорите. Само тогаш ќе можете да го искусите блаженството. Всушност, блаженството е вистинската човечка природа. Зошто би се откажале од она што е природно за вас и да водите вештачки живот? Каде и да погледнете, на универзитетите и во училиштата, ќе забележите дека на студентите и учениците им недостига практично знаење. Тие значење му даваат само на книшкото знаење и потоа самите стануваат „книги“. Вистинското образование е она, коешто доаѓа од срцето. Срцето е многу значајно за опстојување на човекот. Кога ќе се роди дете, прво нешто што проверуваат докторите е работата на срцето. Треба повеќе да се потпирате на вашето духовно одошто на вашето физичко срце. Совеста е другото име на духовното срце. Одржувајте го вашето срце чисто. Тоа треба да биде вашиот единствен предизвик. Што било да се работи со љубов и чистота во срцето ќе ве облие со блаженост. Всушност, блаженството е скирено присутно во секого, но луѓето не се свесни за тоа. Секој треба да се труди да стори се’ за да зрачи со блаженството во себе. Која е природата на блаженството? Нитјанандам, Парама, Сукхадам, Кевалам Ѓнанамуртим, Двандватитам (Бог е отелотворение на вечното блаженство, Тој е апсолутот на знаењето, зад границите на двојноста на спротивставеностите). Блаженството ја надминува двојноста. Се’ додека живеете во светот на дуалностите, не ќе можете да го искусите блаженството. Пред се’ треба да го разберете принципот на единство. Единството води кон чистота, а чистотата кон божественоста. Во спротивно не ќе бидете подобри од птиците и животните. Најпрво прочистети ги сетилата и развијте го чувството на единство. Сметајте ги сите за ваши сестри и браќа и живејте во хармонија. На јавните средби слушаме како говорниците се обраќаат со „драги сестри и браќа“. Но, дали навистина го мислат она што го изговараат? Дали денес забележувате единство меѓу браќата и сестрите? Не. Вистинската среќа се наоѓа во единството. Човечкиот живот може да се спореди со дрво. Нашите врски се како гранките и нивните разграноци. Контемплацијата на Бог е како цветот од којшто ќе го добиете плодот на блаженството. Студенти! Вие секако ќе добиете световно знаење. Но, не треба да останете само на тоа. Треба да се свртите внатре кон себе и исто така да се стекнете со духовно знаење. Само тогаш ќе успеете да добиете мир. Отелотворинија на Љубовта! Љубовта е сржта на образованието. Без љубов, образованието е вештачко. Затоа, развијте ја најпрво љубовта. Разберете дека оној што е внатре во секого е истиот, само телата се различни. Придржувајте се кон овој фундаментален принцип и искусете Ананда (блаженство). Сте се собрале овде во огромен број. Сите со внимание сте насочени кон Свами. На ист начин вашиот ум секогаш нека биде насочен кон божественоста. Контемплирајте на Бог. Служете им на ближните. Ако некој гладувал со денови, а вие му служите двајќи му храна, можете само да си замислите каква среќа ќе доживее тој. Кога би се исушиле сите водни басени и езера, замислете колкава среќа би донел поројниот дожд. На ист начин служете им на оние на кои очајнички им е потребна вашата помош. Подарете им среќа. Божествената можете да ја искусите само преку служење. Човечкиот живот е најскапоцен. Но, човекот се однесува како животно и залудно го троши животот. Студенти! Како Видјаарти, треба да се стремите да се стекнете со Видја (образование). Нема поента залудно да се листаат книгите без да се разбере вистинското значење на Видја. Секогаш контемплирајте на фундаменталниот животен принцип. Иако сме многубројни, божествениот принцип е еден и ист. Значи, препознајте го божествениот принцип присутен во сите во обликот на Атмата. Атмата е Адхара (поддршка), а телото е Адеја (поддржуваниот). Сметајте ја Атмата како основа на вашиот живот, а сето останато како нешто за што постојано постои грижа. Секој може да доживее визија на Атмата. Сите се надарени со оваа моќ. Свртете се кон вас и видете што сте постигнале со тоа што се прочитале томови книги. Вашето срце само уште повеќе закоравило. Ако ова е резултатот од вашето образование, подобро и да не сте учеле воопшто. Напрво развијте го чувството за љубов. Кога во вас имате љубов, секој ќе ви стане пријател. Доколку вашето срце не е исполнето со љубов, вашиот живот би станал вештачки. Без љубов животот нема смисла. Доколку секој ја дели љубовта со ближниот, нема воопшто да постои место за омраза. Споделете ја љубовта со сите и живејте како браќа и сестри. Денес забележуваме конфликти и разлики дури и меѓу сестри и браќа, зашто нема разбирање. Луѓето не го разбираат вистинското значење на љубовта. Нивната љубов е засенета со физички и световни чувства. Кога ќе го разберете принципот на љубовта, а љубовта ќе ја развиете во љубовна врска, сите желби ќе станат една. Ведата вели: „Сахасра Сирша Пурсушах..“ Ова значи дека сите глави, сите очи, сите стапала се Негови. Штом еднаш ќе го разберете принципот на едното - што е присутно во сите - ќе можете да живеете со согласност со вистионскиот дух на братството. На раката имаме пет прсти и секој од нив има одредена улога. Сите прсти работат во хармонија кога извршуваат одредена обврска. Еднаш меѓу прстите избила кавга за тоа кој од нив е најважен. Палецот велел: „Без мене не може да се заврши ниту една работа. Значи јас сум најважниот!“. Тогаш показалецот се насмеал и рекол: „Види овде палецу! Па како можеш ти да работиш се’ без моја помош? Јас уште се користам за покажување поединци. Значи, јас сум поважен од тебе.“ Тогаш се вмешал и средниот прст велејќи: „Јас сум највисок меѓу вас. Два од едната и два прста од другата страна ми служат како слуги. Јас сум најважниот.“ Тогаш се јавил претпоследниот прст и рекол: „Ми иде да се изнасмеам на вашето незнаење. Зарем не знаете дека мене луѓето ме красат со златни прстени со дијаманти, рубини и други скапоцени камење? Јас сум вашиот крал.“ На крајот се јавил и малиот прст: „Јас секогаш ве водам кога некого учите и треба да го казните. Значи јас сум вашиот водач и сите треба мене да ме следите!“ И така како што се расправале прсите се вмешало срцето и рекло: „О, незнајковци! Секој од вас е исто толку важен како и другите. Никој не би можел да направи нешто, доколку вие не дејствувате во хармонија и единство. Всушност вие ги претставувате петте вредности, коишто се исто како и петте човечки здива.“ Слушајќи ги овие мудри зборови сите пет прста засрамени ги наведнаа главите. Ако подлабоко размислите, ќе сфатите дека срцето е најважно. Телото, умот и интелектот се само инструменти. Значи во сите ситуцаии треба да се следат советите на срцето. Не станувајте егоисти мислејќи дека само вие сте многу важни. Не губете драгоцено време во залудни расправи. Со сите однесувајте се пријателски и соочете се со животот со единство и хармонија. Студенти! Треба да живеете во идеалност. Всушност сите идеали се скриени во вас. Нив не можете да ги научите од книга. Принципот на ЈАС е заеднички за сите. Ако некој праша: „Кој е Саи Баба?“ Јас велам ЈАС. Ако некој праша, кој е заменик канцелар, јас одговарам ЈАС. ЈАС е принципот на Атмата. Ведите велат: „Екамева Адвитијам Брахма – Бог е еден без друг. Вистинската духовност е спознавање на Себе. Вие не можете да се спознаете Себе, зашто се поистоветувате со телото. Идентификацијата со телото му дава поттик на егото. Големото его не ја распознава реалноста. Вашата и добробитта на другите ќе биде осигурана, кога цврсто ќе бидете убедени дека сите се едно. Развијте го овој дух на еднинство. Не можете да очекувате божественоста да се манифестира во вас се’ додека не негувате такво чувство на единство. Во Ведите е нагласено: „Сите да се движиме заедно, сите да растеме заедно. Некои студенти дури не ги делат книгите со другите. Како тогаш ќе бидат среќни, кога се егоцентрични и со настрани размислувања? Треба да останете обединети. Каде што има единство има и блаженство. Отелотворенија на Љубовта! Треба да научите само едно нешто: да развиете љубов! Истиот принцип на љубовта е присутен во вас, во Мене, во секого. Јас во другите гледам само љубов, зашто за мене сите се едно. И вие треба да ги развиете овие чувства на љубов и еднаквост. Сите се едно, биди како сите. Ова треба да го научите денеска. Отелотворенија на љубовта! Паралелно со стенкнувањето на световно знаење, треба да се залагате да го разберете принципот на едност. Само тогаш ќе воспоставите единство и хармонија. Земете ја на пример оваа роза. Цветот се состои од многубројни латици. И нашето срце може да се спореди со цвет на роза, а доблестите со нејзините латици. Латиците на розата меѓутоа венеат и паѓаат, додека цветот на срцето секогаш е свеж. Луѓето ги обожуваат Наваграхас - деветте планети за да ги добијат нивните благослови. Можеби сте забележале во каква хармонија се деветте планети (Багаван на ова место материјализира златен прстен со девет скапоцени камења). Овде гледате прстен Наваратна. Оној кој носи ваков прстен секаде ќе биде заштен од Наваграхас. Развијте го чувството на единство. Бидете храбри и стекнете сила да се соочите со животните неприлики. Не сакам да ви одземам повеќе време. Она што сте го научиле овде нека се отслика на вашите срца. Само тогаш ќе можете да стекнете мир, а вашето образование ќе добие смисла. Отелотворенија на Љубовта! Врз сите вас ги разлевам моите благослови и љубов. Секогаш бидете
единствени и времето минувајте го во блаженство. Направете вашите родители
да бидат среќни. Тие ви го дале телото. Најпрво ним искажете им благодарност
за тој подарок. Тогаш ќе најдете исполување во животот. (Багаван Баба говорот го заврши со баџанот „Према мудите манасе кахо“) |
Сатја
Саи Организација во Македонија
Сите права задржани